Град Скопје ја завршува годината без поставен мерач на загадување на амбиенталниот воздух во градот, иако тоа беше второ на листата на приоритетни зафати од Годишна програма за активности од областа на животната средина на градот, а од буџетот се издвоени еден милион денари за негово поставување.
Во делот на програмата наречен „Заштита на амбиентниот воздух“ стои, меѓу другото, дека е потребно поставување на „ерпоинтерот на Град Скопје на нова локација“ со цел, како што е наведено „добивање податоци за квалитет на амбиентниот воздух во реално време и заштита на здравјето на луѓето“.
Иако најавен во програмата за 2018, „ерпоинтерот“, според најавите од Градот, треба да биде поставен најрано – догодина.
„Изминатиов период е направена анализа на работата на „ерпоинтерот“, при што е утврдено дека треба да се сервисираат повеќе делови на истиот, пред да биде поставен. Во тек е постапка за распишување на јавна набавка, по што би се избрала компанија за сервисирање, по што во 2019 година тој ќе биде поставен“, информираа за „Мета“ од Град Скопје.
Тој претставува комплетна мерна станица за мониторинг на квалитетот на воздухот и беше поставен во 2011 година на улица Македонија, а потоа отстранет заради обемните градежни активности во неговата непосредна близина.
Мерачот беше сопственост на Град Скопје, во соработка со фирмата „Фармахем“ и беше поврзан со веб-страницата „Скопје дише“, која беше сервисирана од страна на оваа компанија, но многу бргу потоа престана да работи.
Образложението кое тогаш го дадоа градските власти беше дека, поради почетокот на градежните работи на црквата кај Домот на АРМ, во чија близина се наоѓаше мерачот, тој ќе покажувал многу поголема загаденост на воздухот и затоа е исклучен. Но, едногодишниот договор на „Фармахем“, кој имаше обврска да го сервисира мерачот, истече, а тој во меѓувреме беше дискретно дислоциран и до денес не е вратен.