И по инсистирање на новинарите, министерот за здравство, Венко Филипче, не одговори дали чувствува морална одговорност. Тој и натаму одговараше дека нема да даде оставка додека не заврши истрагата која ја води Обвинителството.
„Како што кажав, стварно тешко можам да го опишам чувството од синоќа, денеска, сочувството кое го имам со семејствата, меѓутоа со тие одлуки навистина треба човек да живее и јас апсолутно ќе чекам да заврши истрагата. Не бегам од одговорност од моралниот момент, ниту од резултатите од истрагата. Нека покаже истрагата каде ќе се покаже точката на одговорност“, рече Филипче без да прецизира дали чувствува морална одговорност.
И претходно, Филипче ги даваше истите одговори.
„Имаше повици за моја оставка. Дозволете да кажеме дека од одговорност не бегам ниту ќе бегам. Но ќе чекам да заврши истрагата. Поради тоа што и овој период има потреба од менаџирање на кризата околу кризата во Тетово, сето тоа што значи процес на завршување на обдукционите наоди. По завршување на истрагата ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка. Навистина се сочувствувам со сите членови на семејствата на загинатите, но ќе чекам да заврши истрагата“, рече Филипче.
