Министерот за здравство, Венко Филипче, не сакаше да коментира која е причината за тоа што го предизвика пожарот во модуларната болница во Тетово. Тој не сакаше да коментира во делот на тоа која компанија ги правела А-тестирањата, бидејќи е дел од истрага. Филипче рече дека болницата е предадена без недостатоци. Филипче не одговори ниту колку запаливи материјали имало во модуларната болница, како и дали истата е пуштена и е дадена дозвола за работа пред да бидат вградени сите инсталации внатре.
„Јас мислам дека болниците се безбедни“, рече Филипче прашан дали смета дека објектите се сигурни со оглед дека тетовската болница изгоре за 3-4 минути.
„Има повеќе шпекулации, но дозволете да ги почекаме официјалните наоди од истрагата. Многу е важно тоа што ќе се изнесе во јавност да биде точно, а тоа може да биде кога ќе заврши овој процес“, рече Филипче.
Како и зошто било дозволено во ковид-болницата да влегува посета кај пациентите, тој не одговори конкретно.
„Во однос на тоа колку придружници биле и како бил организиран цел тој процес, најпрво ќе направиме анализа која ќе почне утре, најпрво од ДСЗИ, засега знаеме дека биле двајца луѓе во посета. Но, ќе кажам повторно дека ќе ги почекаме официјалните податоци. Има некои шпекулации, затоа реков ќе се направи ДНК анализа и ќе излеземе со соопштение“, рече Филипче прашан дали меѓу загинатите има и лица кои биле на посета кај пациентите во модуларната болница.