Три лица се повредени при напад во Љубљана во кој било употребено и огнено оружје.
Нападот се случил во популарниот љубљански трговски центар БТЦ околу 14 часот. Неколку полициски возила веднаш пристигнале на местото на настанот, а ранетите – кои според првичните податоци не се животно загрозени – се пренесени во болница.
Обезбедувањето од околните продавници и очевидци за локалните медиуми изјавиле дека се слушнале осум до десет истрели, при што биле повредени двајца мажи, додека еден имал повреди на главата од тап предмет.
Напаѓачите наводно побегнале со бело приватно возило и сѐ уште се во бегство.
Полицијата во главниот град на Словенија го потврди инцидентот во кој се повредени три лица.
„Според досега собраните информации, две лица се повредени од огнено оружје, а едното е погодено со тап предмет. Сите тројца биле пренесени во Универзитетскиот медицински центар во Љубљана и, според првичните информации, нивниот живот не бил загрозен. Интервенцијата, активностите на полициските службеници и собирањето информации на самото место сѐ уште се во тек“, велат од полицијата.