Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на свеченоста што по повод 80-годишнината од Денот на народното востание, 11 Октомври се одржа во меморијалниот комплекс „Могилата на непобедените“ во Прилеп. Претходно, во рамки на чествувањето, претседателот Пендаровски положи цвеќе на Могилата на непобедените.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани граѓани,
Денес, кога низ целата земја го празнуваме Денот на народното востание, им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност. Пред малку и тука, во Прилеп се поклонивме пред 462 имиња на паднати борци. Овде стоиме меѓу осумтте урни на Могилата на непобедените, од кои највисоката и најубавата го симболизира вечниот пламен на слободата.
Не случајно луѓето секогаш ја поистоветувале слободата со светлината. Низ вековите, идејата за слобода го насочувала патот на праведниците кои сакале самите да ја мислат својата сегашност и иднина. Востанието започна во најмрачниот час од нашата историја. Децениите на национална обесправеност, насилна асимилација и пропаганди, кулминираа со фашистичката окупација во април 1941 година. Како идеологија на злото што ги дели народите на супериорни и недостојни, фашизмот му даде за право на посилниот брутално да владее со послабите.
Не можејќи повеќе да го гледаат теророт врз народот, на 11 октомври 1941 година, борците на Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, го означија почетокот на народното востание, како тогаш последна етапа на историскиот континуитет на борбата за слободна македонска држава. Континуитет, затоа што тие продолжија да чекорат по патеката на Илинденците. Меѓу партизанските одреди ниту еден не беше именуван според Маркс, Енгелс или Сталин. Наместо тоа, тие ги носеа имињата на македонските револуционери Даме Груев и Пере Тошев, Сандански и Влахов, Питу Гули и Добри Даскалов.
За поврзаноста со илинденското наследство, сведочи и следниот факт: кога ние денес зборуваме за првоборци, мислиме на партизаните кои први се вклучиле во борбата. Но, кога партизаните зборуваат за првоборците, тие, пред се, мислат на Илинденците. Тоа недвосмислено произлегува од зборовите на клучната фигура на народноослободителната борба, Кузман Јосифовски – Питу.
Кузман Јосифовски постојано инсистирал на две работи. Прво, да се надминат поделбите предизвикани од туѓите пропаганди кои го разјадуваат националното ткиво. И второ, да се создаде единствен народно-ослободителен фронт во кој ќе влезе секој чесен и слободољубив човек, независно од етничката, верската, социјалната и политичката припадност.
Неспорен историски факт е дека востанието во своите редови ги имаше речиси сите идеолошки струи на македонското ослободително движење. Во тој единствен фронт влегоа и антифашистите и демократите и комунистите. Во партизанските одреди пристапија и старите Илинденци, и Шпанските борци и напредните студенти. Меѓу нив имаше Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци, Евреи, Христијани, Муслимани и атеисти. За надидеолошкиот карактер на борбата зборува и фактот дека партизаните на слободните територии не инсталираа комунистички режим, туку создаваа нови органи на народната власт како никулци на идната слободна македонска држава. Тие органи ги избраа и делегатите за АВНОЈ и АСНОМ. Тие органи го избраа и Методија Андонов Ченто, кој иако не беше член на Комунистичката партија, стана прв претседател на президиумот на АСНОМ.
При тоа, подеднакво важно е што народноослободителната борба беше и антифашистичка. Со Атлантската повелба од 14 август 1941-та Соединетите Американски Држави и Велика Британија се обврзаа дека народите кои ќе се вклучат во антифашистичката борба, по војната ќе можат да го искористат своето право на самоопределување. Македонскиот народ не го чекаше исходот од војната за да се определи и ниту за момент не калкулираше помеѓу двете страни на светскиот конфликт, туку од самиот почеток се приклучи кон антихитлеровската коалиција. И тоа го направи во најтешкиот период на војната, кога безмалку цела Европа беше покорена од фашизмот и нацизмот кои тогаш изгледаа непобедливи.
Со почетокот на востанието само се засили теророт врз населението. Зачестија масовните апсења, депортации и ликвидации. Но, наместо да го обесхрабрат, репресиите ја удвоија волјата на народот уште поупорно да ја следи светлината на слободата.
На крајот на таа епопеја, нашиот придонес во победата на глобалната антифашистичка коалиција не беше занемарлив. Имавме едно од највиталните партизански движења во Европа кое за четири години даде околу 25.000 жртви и успеа да мобилизира близу стоилјадна војска. Во еден период од војната, само на територијата на денешна Република Северна Македонија, над 60.000 окупаторски војници и полицајци биле ангажирани наспроти народното востание со што им го олеснија товарот на сојузниците на останатите фронтови во Европа.
Иако денес е тешко да се даде одговор на големите историски дилеми кои биле актуелни пред многу години, можеме да бидеме сигурни дека ако не бевме дел од антифашистичката коалиција, денес немаше да имаме своја држава. Сите документи и манифести од НОБ, широката меѓународна поддршка и признание за нашата борба, недвосмислено потврдуваат дека само како дел од антифашистичката коалиција можевме да дојдеме до своја и слободна држава. Токму тоа го постигнавме на 2 август 1944-та на првото заседание на АСНОМ каде беше удрен темелот на слободната и суверена република која по своја волја се вклучи во новата југословенска федерација.
Почитувани граѓани,
Годинава, кога одбележуваме 80 години од почетокот на народното востание, прославуваме и 30 години од независноста. Како и партизаните пред осум децении, така и граѓаните, во 1991-та, ја препознаа уникатната историска прилика и ја презедоа одговорноста за својата иднина. Наспроти сите етнички, верски, политички и идеолошки разлики се обединивме околу идејата за независна и самостојна држава.
Веднаш по референдумот се соочивме со големи предизвици од политички, економски и меѓуетнички карактер. Поради надворешните притисоци и блокади на интегративните процеси изгубивме скапоцено време. Но, исто така, во одредени периоди самите форсиравме поинакви приоритети кои многу не оддалечија од стратешките определби: интеграција во евроатлантските структури.
Имаше обиди да се релативизира и маргинализира значењето на НОБ и да се бараат некакви древни корења на државата. А за сето тоа време, темелите на слободната македонска држава ни беа буквално пред очи. Распослани низ целата земја, над 1100 споменични обележја во чест на народноослободителната борба, во речиси секое наше населено место. Овие монументални паметници, костурници, бисти и плочи се подигнати од современиците и соборците на паднатите херои. Како автентични сведоштва на таа славна антифашистичка генерација, овие паметници се најсилниот доказ против секој вид и обид за историски ревизионизам.
Сите тие објекти, до еден, ја праќаат истата порака: „Запомнете и не заборавајте за што се боревме, бидејќи вашата слобода ја плативме со нашите животи.“ Темелите на оваа држава се илинденски и антифашистички и оној момент кога тоа би го заборавиле, тогаш самите би работеле на уривање на единственото место на светот кое можеме да го наречеме свој дом.
Иако победен, фашизмот, за жал, и до ден денешен, не е целосно искоренет. Оваа ужасна идеологија што ги мрази различните, ги презира ранливите, и е индиферентна кон оние кои страдаат, секогаш одново се јавува во периоди на длабоки кризи. Ксенофобијата, расизмот и другите типови на неофашизам се вечниот непријател на вроденото достоинство на човекот и слободата на народите. Истовремено, многу од старите пропаганди се присутни и денес и во нов формат продираат во македонскиот традиционален и дигитален простор. Иако ни доаѓаат по нови патишта и во нови форми, фашизмот и пропагандите имаат иста цел – да сеат раздор и омраза меѓу луѓето. За да бидеме отпорни кон нив, мора да научиме да ги препознаваме и да ги отфрламе.
Драги сограѓани,
Во 1945-та, од печат излезе една од првите книги во слободна Македонија. Тоа беше „Зборникот на македонски народни песни“, собрани и уредени од Блаже Конески. Во оваа прва збирка Конески вклучил и неколку народно-ослободителни песни. Првата меѓу нив е неофицијалната партизанска химна – „А бре Македонче, каде се спремаш? Борба те чека, борба за слобода.“
Оваа песна, со која се храбреа, се бореа, и со која умираа нашите херои, треба да не потсети дека секоја генерација, вклучително и сегашнава, мора да биде подготвена да се соочи и да победи во битките на својата генерација.
Пред нас е задачата да ги чуваме слободата и демократските вредности, и посветено и одговорно да придонесуваме за соживотот. Република Северна Македонија мора да продолжи да вложува напори да биде дел од прогресивниот свет, притоа, водејќи сметка за достоинството и на граѓаните и на државата. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото и подигнување на квалитетот на животот, да ја вратиме надежта кај младите дека можат да се остварат тука, во својата татковина. И со тоа да целиме кон праведно и слободно општество на еднакви, за какво што сонуваа нашите славни херои во чија чест сме денес сите ние овде собрани.