Независниот кандидат за советник во Општина Охрид, Стевче Стевоски кој има и своја листа на советници, повика охриѓани да го гласаат во недела, за да го сметан гласот и сето тоа што се случувало изминативе 30 години. Стевоски посочи дека досега, членовите на Советот на Охрид не воделе грижа за градот. Тој е спремен да биде гласот на граѓаните за да повеќе никој не манипулира со нив, па затоа ги повика сите да гласаат за бројот 38 на овие избори, на листата за советници.
„30 години дозволивме од Охрид да се краде за да се богатат поединци, да се ветува и неостварува. 30 години гледаме апатија, стагнирање, проблеми без решенија. 30 години не гледаме одговорност, ниту грижа. Во Советот на Охрид, се креваат раце и нозе за се што партиите ќе се договорат, а не за тоа што на граѓаните им треба. Далеку од нашите очи се гласаше се што им одговара на мала група луѓе, а не се што нас ќе ни донесеше подобро утре. По еден советник од секој состав досега да реагираше барем по еднаш кога имаше непотребни трошоци и распределба на пари за лично богатење, сега немаше општината да ни биде куќа без кров. Немаше да бидеме застанати во времето. Охрид ќе беше град каде секој еден од нас ќе сакаше да живее, а не да гледаме како ни се иселуваа деца и внуци“, рече Стевоски.
На овие избори, вие гласате и вие менувате, посочи Стевоски и додаде: „Се кандидирав за да не дозволам никој да не прави будали при мозок, да не лаже и манипулира при свест, да не осакатува при можност тоа да го промениме. Знаете дека како полициски службеник застанав на пат на стотици криминалци и за тоа трпев последици. Ништо не добив, ама го спроведов законот. Истото ќе го направам и сега, ќе се жртвувам себеси за сите ние заедно да имаме подобро утре!“
„Верувајте дека дадениот глас за мене, не е загубен глас. Туку глас за промена која заедно ќе ја донесеме. Заокружете број 38 за мене, Стевче Стевоски. Не би дозволил да одам со наведната глава и да ви ги изневерам очекувањата. Ќе се борам за вашите интереси, како ваш претставник!“, кажа Стевоски.