Пијанистот Емануеле Арчиули, еден од најоригиналните и интересни изведувачи на денешната класична музичка сцена, ќе настапи во рамките на зимскиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ . Концертот, којшто е поддржан од Италијанската амбасада во Република Македонија на чело со Неговата Екселенција амбасадорот Карло Ромео, ќе се одржи на 18 декември, во фоајето на Македонска опера и балет во Скопје, со почеток во 19 часот.
Репертоарот на Арчиули е огромен, од музиката на Бах до современата музика, со силен афинитет кон композиторите од САД.
Овој исклучително талентиран и виртуозен пијанист постојано развива нови проекти и ги следи новите идеи и иновативните програми во светот на музиката. „Кружни полноќни варијации“, збир од 16 композиции што експресивно биле напишани за Арчиули од композитори како Крамб, Бабит, Кернис, Ржевски, Торке, Даугерти, Болком и Харбисон, неодамна го предизвикаа интересот на меѓународните критичари. Варијациите, кои беа издадени од Страдивариус на цеде под наслов „Околу полноќ – Омаж на монахот Телониус“ во мај 2011 година, се прославени од страна намеѓународната стручна критика.
Неговите бројни снимки (Чандос, Страдивариус, Иннова, Ваи, Бриџ, Верго итн.) го вклучуваат насловот „Врати до секаде“, со музика на Карла Блеј, Фред Херш и Чик Кореа, комплетните дела за пијано на Берг и Вебер, светската премиера на концертот за пијано и оркестар на Бруно Мадерна, како и многу американска музика.
Компакт-дискот на Аричули посветен на Џорџ Крамб беше номиниран за награда „Греми“, а неговото цеде со дела на Адамс и Ржевски ја доби наградата на италијанските критичари за најдобра снимка во 2006 година. Неодамна „ВАИ рекордс“ издаде ДВД со музика од Ивес Конкорд Соната. „Прошетка во убавина“ со две цеде-плочи тукушто издадено од Иннова, содржи музички композиции од американски композитори како ЈЛ Адамс, Бресник, Доерти, Ган, Гарланд, Хајдон, Балард и други.
Емануеле Арчиули редовно настапува во големите концертни сали и фестивали, како што се Берлинскиот фестивал, Виен Модерн, Ла Скала Милано, Биеналето на Венеција, Фестивалот за пијано во Мајами, Милерб театарот во Њујорк, Маџо Музикале Фиорентино, Фестивалот на камерна музика „Санта Фе“, како и на Меѓународните фестивали за пијано во Бреша и Бергамо.
Во мај 2011 година Емануеле Арчиули беше награден со најважната награда на италијанската критика „ Премио Франко Абати“. Во освојувањето на оваа награда, Емануеле Арчиули ги следи стапките на Маурицио Полини, Раду Лупу и Зубин Мехта. „Овој пијанист од Бари беше авторитативна фигура на повеќеслојниот хоризонт на сите нешта кои се модерни веќе со години, додека истовремено се зачувува поврзаноста со традицијата“, изјави стручното жири.
Арчиули предава современа музика на Академија ди Пинероло, професор е на конзерваториумот во Бари, а исто така е чест визитинг-професор на многу американски универзитети.
Неговиот концерт во Скопје, како што велат од дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“, е дел од зимската понуда за љубителите на класичната музика, а тенденцијата е светски познати уметници да ја збогатуваат културната понуда на фестивалот, не само во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, туку и во текот на останатиот дел од годината. Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ , претходниот месец, во црквата „Света Софија“ се одржа концерт на исклучително талентираните млади руски музичари, пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко.