Актуелниот градоначалник на Општона Ѓорче Петров смета дека бесплатен превоз е возможен за целото население доколку истото добро се изменаџира.
„Искрено од тоа што го имав како сознание во кампањата, сега не сум навлезен во тој проект. Тоа е капитален проект на Град Скопје. Мене како жител ми пречеше тоа што Ѓорче беше исклучено од самиот проект, бидејќи за почетна станица беше постоечката станица на ЈСП во Ѓорче која е во почетниот дел и не опфаќа еден голем дел од општината. Ние располагаме со државно земјиште, кое ќе и го предочам на градоначалничката, за да размислат за префрлање на таа базна станица на друга локација, да го ослободиме централниот дел на Ѓорче. Тука би можеле да направиме нови паркови содржини во тој дел. Едноставно најурбаниот дел на Ѓорче Петров ни е окупиран со гаражи. Јас повеќе би се насочил во тој дел, во однос на тоа што ќе го барам како градоначалник на Ѓорче Петров. Она на делот на БРТ не би можел да изнесам повеќе факти, бидејќи реално не ми се познати“, кажа Стојкоски.
„Бесплатен јавен превоз имавме во минатото за одредени категории. За цело население, може да биде возможен ако успешно се изменаџира. Зависно колкава сума на средства би чинело. ЈСП и во моментов е еден од најголемите загубари. Сите трошоци, според некои информации до 80 отсто, ги покрива Град Скопје. Па, можно е да се изнајде некој модел на функционирање и во таа насока. Меѓутоа, ќе оставиме на градоначалничката да се справи со тој сериозен предизвик. Инаку, би било во интерес на сите граѓани, особено на нас ѓорчепетровци, бидејќи сме дел од малку попериферните делови на градот, да овозможиме на нашите сожители, од овде, да имаат бесплатен превоз“, додаде Стојкоски.