Пендаровски: Има само еден начин за предвремени избори
Претседателот Стево Пендаровски смета дека треба да се почека од понеделник да се види како ќе се развива ситуацијата по неуспешниот обид за гласање недоверба на Владата.
„ Јасно е дека ситуацијата е сега пата-пата. Да видиме од понеделник дали ќе се формира ново, ќе се обнови постојното или ќе се зголеми ова што е досега мнозинство од 61. А за моето постапување за свикување лидерска средба, мојот став е дека за да има лидерска средба за било кој аспект на оваа тековна политичка криза која настана по вториот круг од локалните избори, би морало да има согласност од власта и опозицијата. Во овој момент нема таква согласност од двата политички блока“ рече Пендаровски.
Според него, на политичките партии е да решат дали ќе одат на предвремени избори. Тој нагласи дека според Уставот има само еден и единствен начин за предвремени избори, а тоа е 61 глас за распуштање на Собранието.