Официјализирана целосната воена интеграција во НАТО, продолжува модернизација на Армијата
Со потпишување на Заедничката декларација со НАТО вчера во Скопје беше означено формалното заокружување на процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командите и во структурата на силите на Алијансата. Процесот не застанува тука продолжува со целосна модернизација на Армијата.
Потпис на документот на церемонијата во Вила Водно во присуство на претседателот на државата и врховен командант на Вооружените сили Стево Пендаровски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, ставија командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Претседателот Пендаровски, порача дека за нас, патот до полноправно членство во НАТО не беше лесен, но дека со активирањето на НАТО поканата за членство, како држава добивме поголема меѓународна видливост и дипломатски потенцијал за реализација на стратешките политички и економски интереси. Тој, меѓу другото, истакна дека со потпишувањето на оваа декларација формално го завршуваме процесот на воена интеграција со што постигнавме значајни резултати за само една и пол година од членството и го потврдивме нашиот кредибилитет. Меѓутоа, нагласи тој, комплетирањето на овој процес претставува успех и за Алијансата во целина.
– Сето ова не значи и крај на поширокиот реформски процес, напротив ова значи дека мора да продолжиме и да ја унапредуваме демократијата и функционирањето на мултиетничкото општество и при тоа да ги почитуваме постигнатите билатерални и мултилатерални договори, рече шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили.
Осврнувајќи се на состојбите во регионот, тој оцени дека присуството на НАТО е се уште неопходно, поради како што нагласи, фрагилноста во делови од Балканот.
– Последниве години Северна Македонија низ учество во различни регионални иницијативи ја демонстрираше својата заложба за воспоставување и унапредување на взаемно корисни односи со сите земји во регионот. Продуцирањето на нови спорови во регионот покрај веќе постоечките состојби во Косово и во БиХ не ни е потребно. Јасно е дека ако назадува Северна Македонија ќе назадува и целиот регион, а ако назадува Западен Балкан ќе назадува и Европа за сметка на другите глобални актери. Сметам дека во сложениов регионален контекст е се уште неопходно продолженото присуство на Алијансата во нашиот регион, бидејќи стабилноста во некои делови од Балканот е фрагилна, а некои прашања кои се од витално значење за регионалната безбедност со години стојат отворени, порача претседателот Пендаровски.