Собранието вчеравечер по скратена постапка го донесе Законот за амнестија откако претходно вчера Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување постигна согласност за тоа што ќе биде опфатено со него.
Тој е донесен пред да бидат донесени пресудите за насилствата од 27 април минатата година, што е кон крај.
Обвинетите имаат рок од пет дена по донесувањето да поднесат индивидуално барање до Судот и јавното обвинителство, кои се надлежни за случајот.
Законот беше донесен со 95 гласа „за“, без против и воздржани. Го поддржаа и двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и Панчо Минов, кои се придружија на листата предлагачи.
Амнестијата за случувањата во Собранието на 27 април 2017 нема да ги опфати организаторите и подготвувачите на настанот, лицата кои извршиле физичко насилство, лицата со фантомки кои извршиле насилство, кои носеле оружје и експлозивни направи, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Од амнестија ќе бидат изземени и лицата кои се обвинети за здружување заради непријателска дејност согласно чл. 324 од КЗ, се согласија вчера членовите на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување.