Магазин

Вo изложба „Приватност во јавност“

В среда, 15 декември, со почеток во 19 часот во објектот Мала станица ќе биде отворена изложбата „Приватност во јавност“.

Преку проектот Приватност во јавност, седум уметници од Република Србија ќе ги претстават своите интимни стратегии и микронаративи, потпирајќи се на односот интимно-јавно, делувајќи во контекст на непосредната реалност каде индивидуалните приказни создаваат нови односи преку толеранција, емпатија и разбирање.

Уметниците ставаат детали од интимниот живот и субјективните искуства во центарот на нивното истражување и на тој начин придонесуваат за уште посилна емоционална врска со другите. Семејство, дом, непосредна околина, поглед низ прозорец или од тераса, пријатели, дејствија од секојдневниот живот преведени преку уметнички дискурс зборуваат за еколошки, геополитички, социолошки и антрополошки проблеми, проблеми на засолниште, осаменост, номадизам, нестабилна социјална меморија, авто-меморија…

Уметници од Република Србија се: Силард Антал, DISTRUCTURE, Стеван Којиќ, Весна Перуновиќ, Милета Поштиќ, Наташа Теофиловиќ, Драган Војводиќ.

На уметниците од Република Србија ќе им се придружат осум уметници од Македонија со кратки видеа под заеднички наслов „Уметнички дневници во изолација“ снимени на покана на Националната галерија на Република Северна Македонија и кураторот Ана Франговска во 2020 година: Атанас Ботев, Искра Димитрова, Роберт Јанкулоски, Верица Ковачевска, Моника Мотеска, Кристина Пулејкова, Дијана Томиќ, Вана Урошевиќ.

Изложбата опфаќа различни медиуми: фотографија, видео, дигитална анимација, инсталација

Куратор на проектот е Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, Р Србија

На почеток