Првиот човек на Кисела Вода посвои куче
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски посвои куче од „Лајка”. Кученцето го донесе новиот директор на ЈП „Лајка“, Војислав Димитровски, со кој градоначалникот имаше работна средба.
Хуманиот третман на уличните и напуштените кучиња, намалување на популацијата на бездомни кучиња, вдомување и градење култура за вдомување, обезбедување на донации за нивна нега, беа главните теми на кои разговараа соговорниците.
Градоначалникот Ѓорѓиевски потенцираше дека до Општината често пристигнуваат пријави за бездомни кучиња и изрази надеж дека двете институции ќе изнајдат заедничко решение кое ќе значи добросостојба и за жителите на Кисела Вода, но и за уличните животни.
Директорот на ЈП „Лајка“, Димитровски, информираше дека само во изминатата година од територијата на општина Кисела Вода се направени 148 налози за заловување на кучиња и дека тој интензивно работи на надминување на овој проблем. Ќе се оствари соработка со скопските здруженија за заштита на животните, со општините, со Град Скопје, како и со сите други релевантни институции и добронамерни граѓани, со цел кучињата да се заловат, потоа да се третираат и стерилизираат и на крај да се вдомат во семејство каде ќе бидат сакани.
За почеток, во овој прв период се работи на вдомување на кучињата коишто се заостанати во прифатилиштето, со цел да се отвори капацитетот на прифатилиштето за што поголем број на кучиња скитници – потенцираше Димитровски.
Од денес, Лиска ќе добива љубов, грижа и нега во семејството на градоначалникот Ѓорѓиевски. Таа беше едно од 40-тината кучиња кои се подготвени за вдомување во „Лајка“ и чекаат да добијат дом.
Општина Кисела Вода ги повикува сите љубители на животни дека доколку сакаат да вдомат куче, можат да аплицираат на [email protected]. и апелираат до сите нивни жители, доколку забележат агресивно куче во своја близина, да пријават на [email protected].