Кој останува во идната Влада, а кого го фати „метлата“
По промената на лидерската позиција во СДСМ, се подготвуваат одредени промени во раководството на партијата, кои ќе се рефлектираат и врз составот на идната влада што треба да се предложи и избере по оставката на се уште актуелниот премиер Зоран Заев.
Досегашниот генерален секретар на партијата, Љупчо Николовски, според неофицијални информации, најверојатно ќе седне на министерското столче во одбрана, кое веќе најави дека ќе го ослободи Радмила Шеќеринска.
Сега, за нов македонски амбасадор во САД се споменува поранешниот амбасадор и министер и актуелен вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров, чија позиција, според партиски извори, веројатно ќе ја зазеде секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и министер за правда Бојан Маричиќ, објави Фокус.
Во меѓувреме, министерот за здравство Венко Филипче порача дека заедно со Заев се повлекува од раководството на СДСМ и од министерската функција во здравство, која ќе ја преземе Беким Сали од најновиот владин коалициски партнер – Алтернатива.
Покрај него, и министерката за образование Мила Царовска најави дека нема да учествува во новата влада, а сознанијата говорат дека промени се очекуваат во Министерството за култура (Ирена Стефоска), а не се исклучуваат и во Министерството за труд и социјала (Јагода Шахпаска).
Што се однесува до Министерството за внатрешни работи, се очекува Оливер Спасовски да продолжи да раководи со ресорот.