Скопје

Започна изградбата на ново основно училиште во Визбегово

Почна процесот за изградба на ново основно училиште во населбата Визбегово во општина Бутел со капацитет за над 500 ученици.

„Со изградбата на овој модерен училишен објект, во чиј состав е предвиден и простор за рекреација и спортување, се одговара на долгогодишните потреби и барања на жителите од населбата. Со изградбата на новото училиште ќе се надополнат и потребите за економски развој на овој дел од градот“, велат од Министерството за образование и наука.

Склучениот договор за изведување на градежните работи за изградба на објектот е во висина од 106.590.812,00 денари со ДДВ, а рокот за реализација на договорот се предвидува да биде 18 месеци. Вкупната површина на градежната парцела е 12.029 м2.

Градоначалникот на општина Бутел изјави дека процедурата за изградба на училиштето ја почнала Општината во 2014 година. Тогаш како советник, рече Костовски, гласав за почнување на целата постапка, а денес како градоначалник во соработка со МОН ќе изградиме ново општинско основно училиште во Визбегово.

„Направивме увид на градежната парцела, каде што набргу почнуваме со градежни активности и поставување камен-темелник. Како Општина Бутел, во најбрз рок ќе ги обезбедиме сите потребни работи за непречено одвивање на градежните активности“, рече Костовски.

На почеток