Владата со нови одлуки за Законот за авторското право и сродните права и буџетот за зелен развој
Владата на Република Северна Македонија на денешната 132-ра седница, согласно Законот за извршување на Буџетот за 2022 година, донесе Програма за зелен развој со која се утврдени дополнителни 670.000.000,00 денари за реализација на проекти од областа на енергетиката, односно за производство и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија од обновливи извори на енергија за надминување на состојбата енергетската криза.
На оваа седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права.
Целта на предложениот закон е пропишување на нормативна основа за воспоставување на ефикасен модел за функционирање на системот на колективното управување со авторското право и сродните права усогласен со Директивата 2014/26/EC на Европската Унија за колективно управување со авторското право и сродните права и мулти-територијално лиценцирање на музички дела за користење преку интернет, во делот на колективното управување.
Со измените и дополнувањата, меѓу другото, уште се врши усогласување со Директивата 2011/77 на ЕУ и со Директивата 2006/116/ЕУ за времетраењето на заштитата на авторското право и сродните права, во однос на заштитата на коавторите на музички дела со текст, како и на времетраењето на заштитата на изведувачите и фонограмските продуценти на снимени музички изведби, односно фонограми од 50 на 70 години.