Лефков: Составот на новата Влада предложен од Ковачевски е само нова амбалажа на Заев
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на гостување во вечерашната дебата на телевизија 24 рече дека лошата состојба во која е Македонија е производ на старата влада.
„И оваа старо нова влада која ја промовира мандатарот Димитар Ковачевски нема да направи ништо поинаку. Ковачевки е лик кој нема легитимитет да ја води владата бидејќи не излегол на избори“, рече пратеникот Лефков.
Според него има продолжување на агонијата која ја започна претходната влада.
„Во моментов имаме три кризни состојби во енергетика, во здравството поради ковид и онаа поврзана со бегалците. И министерот Оливер Спасовки чие име е поврзано со најмногу скандали останува министер“, рече Лефков.
Оттука според него „новата влада е нова амбалажа на Заев и заевизмот во ликот на Ковачевски“.
„Единствен повик кој сега е од ВМРО-ДПМНЕ е дека треба да се оди на избори. Само реално нова влада може да ги придвижи работите напред, оваа влада нема кредибилитет“, рече Лефков.
Според него мандатарот Димитар Ковачевски се грижи за есцајгот во Влада, а не да ги решава состојбите во земјава.
Говорејќи за актуеланата ситуција во надворешната политика и преговорите со официјална Софија, Лефков рече дека се надева дека новата Влада нема да се дрзне да ги помине црвените линии кои јасно се прецизирани во Декларцијата усвоена во македонското Собрание.
„Во Софија наоѓаат начин да си ги зацврстат своите црвени линии за разлика од нас кои што ја водевме надворешната политика како приватна фирма на Заев со специјалниот пратеник во Бугарија, Бучковски. Никој не беше известен за комуникацијата со Софија. Оттука се надевам дека новата влада на Ковачевски нема да се дрзне да ги помине црвените линии. Преговорите треба да продолжат, важна е европската иднина на Македонија, но никој не смее да си ја купува политичката кариера со правење на антидржавни договори“, порача Лефков.