Македонија

Во Македонија цвета корупцијата, никакви привилегии на власта не се намалени и никој не презема никаква одговорност, вели Мисајловски

„Ние не треба да гледаме кој е полош на последните Извештаи на Транспаренси, ние треба да гледаме кој е подобар за да стигнеме меѓу првите во Извештајот на Транспаранси“, посочи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски во вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа.

Мисајловски додаде дека во Македонија цвета корупцијата, со толку многу скандали, местени тендери, рекети, секој ден има гафови и наместени постапки во судството. Мисајловски дури запраша како е возможно оваа власт да се бори против корупцијата, а при тоа против никој од власта нема обвинение.

Тој додаде дека сведоци се сите граѓани како власта делеше и пасоши на белосветски криминалци и при тоа немаше никаква одговорност.

„Зарем некој верува дека првите луѓе не се вмешани во сите овие скандали. Не поминува ни еден ден без криминал, корупција, дрога, пукање или слично. Секој втор ден се пали кола во државата, а при тоа никого немаат фатено. Сведоци сме дека скоро 400 луѓе од СДСМ и власта паркирале бесплатно, замислете никој не плаќал“, истакна Мисајловски.

Мисајловски потенцираше дека апсолутно никакви привилегии не се намалени. Ова што се случува со корупцијата и криминалот во државата е срамно и бедно.

„СДСМ не може да донесе ништо ново бидејќи кај нив владее клиентелизам. Страшно и болно е што никој не презема никаква одговорност“, заклучи Мисајловски.

На почеток