Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше на традиционалното собирање на бадникови гранчиња, кое се одржа во месноста Говрлевска Краста, на јужните падини на Водно. Оваа прослава традиционално се одржува по 27-ти пат и истата е во организација на Здружението за традиционална прослава на Бадник.
На овој собир, Шилегов ја искористи можноста да им се заблагодари на членовите на одборот за прослава на Бадник за негувањето на оваа убава традиција којашто со години наназад ги обединува и ги зближува граѓаните на Скопје. Тој им посака успешна организација, а на граѓаните на Скопје им посака добра забава, дружење и пријатна празнична атмосфера.
„И оваа година продолжуваме со традицијата на пресекување на бадникови гранчиња во пресрет на големите христијански празници Бадник и Божик. Традиционално тука, во месноста Краста со пресекување на бадниковите дабови гранчиња кои се симбол на радоста и среќата, започнуваат подготовките за прославата на Бадник. Празничните денови, нека донесат радост, љубов и нека го зацврстат единството и почитувањето меѓу сите луѓе“, изјави Шилегов.
На денешната манифестација присуствуваа кумот за овогодинешната прослава, Љупче Николовски, овогодинешниот здравичар, Миливое Алексиевски, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, како и поранешни кумови и здравичари.