Илјадници луѓе на почетокот на карневалот во Венеција


Илјадници луѓе во саботата уживаа на почетокот на годишните карневалски настани во Венеција.
Венецискиот карневал во 2020 година, кој привлече голем број туристи од целиот свет, беше прекинат поради пандемијата во Италија во февруари истата година, а потоа беше откажан следната година бидејќи владата се обиде да го спречи ширењето на инфекцијата, пренесува Ројтерс.
Стапката на нови инфекции и хоспитализации во Италија постепено се намалува во последните недели, а оваа недела владата ја укина обврската луѓето да носат маски за лице на отворено.
Сепак, некои карневалски атракции, како што се парадите, ќе останат суспендирани оваа година за да се избегне инфекција, одлучија властите.
Како што се наведува, денеска биле видени само неколку луѓе во костими и еуфоријата била нешто помала од вообичаено, но се очекува тоа да се промени во наредните денови бидејќи стартува овогодинешната официјална програма наречена „Запомни ја иднината“.
Околу 50.000 луѓе дојдоа во Венеција за да учествуваат на прославата, објави новинската агенција АНСА, повикувајќи се на локалната полиција.
Карневалот ќе трае до 1 март.
