Кина ги повикува своите граѓани во Украина да останат дома


Кинеската амбасада во Украина денеска им нареди на своите граѓани во Украина да останат дома како мерка на претпазливост, по руското бомбардирање на некои украински градови и започнувањето на воените операции во таа земја.
„Ситуацијата во Украина нагло се влоши, а безбедносните ризици се зголемија, додека ситуацијата во општеството потенцијално станува хаотична“, предупреди амбасадата, без да им препорача на кинеските граѓани да размислуваат за напуштање на земјата.
Државната гранична служба на Украина денеска соопшти дека руски војници ја нападнале границата на Украина од Руската Федерација и Белорусија.
Граничната служба наведува дека во нападот било употребено тешко оружје, пренесува UNIAN.
Претседателот на Украина, Володимир Желенски утринава соопшти дека во земјата се воведува воена состојба.
