Свет

Американскиот Конгрес гласаше за нови санкции против Русија

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска со огромно мнозинство го поддржа законот за укинување на трговскиот статус на „најповластена нација“ за Русија и Белорусија поради инвазијата на Украина, што го отвори патот за повисоки царини за увоз од оние земји.

Со 424 гласа „за“ и 8 „против“, Претставничкиот дом го поддржа укинувањето на статусот на Постојани нормални трговски односи (ПНТР) за Русија и Белорусија. Администрацијата на претседателот Џо Бајден вети дека ќе ги укине поволностите што Русија ги ужива како членка на Светската трговска администрација, а за тоа и е потребно одобрение од Конгресот.

Одлуката на Претставничкиот дом треба да ја потврди Сенатот. Претседателот на Демократското мнозинство во Сенатот Чак Шумер рече дека Сенатот наскоро ќе ја одобри одлуката. Укинувањето на трговскиот статус ќе и овозможи на администрацијата на Бајден да воведе повисоки царини за руски и белоруски увоз од сегашните, односно над нивоата што Вашингтон им ги вети на сите земји членки на Светската трговска организација.

Републиканската конгресменка Викторија Спарц, единствената пратеничка родена во Украина, рече дека е важно одлуката да се однесува и на Белорусија, близок сојузник на Москва.

„Не можеме да создадеме дупка во законот што Путин би го користел и би поминувал пари преку Белорусија“, рече таа.

На почеток