Македонија

Почина Ристо Стефановски, поранешен директор на Драмскиот театар

Денеска почина театрологот Ристо Стефановски во 94-тата година од животот, соопшти Драмскиот театар во Скопје, каде што тој 26 години беше директор (1957-1983).

Во соопштението што го испратија на „Фејсбук“ стои дека дополнително ќе ја известат јавноста за датумот на комеморацијата.

Стефановски е роден 1928 година во Скопје, каде што заврши Државна театарска школа, а потоа две години студираше глума на Театарската академија во Белград. Во периодот од 1951 до 1960 година беше актер во Народниот театар во Скопје, а од 1957 година раководеше со Куклениот театар во Скопје, кој подоцна се трансформира во денешниот Драмски театар. Но, беше и автор и уредник на театарското списание „Театарски гласник“ од 1977 година.

Во меѓувреме, дипломира на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација. Под негово раководство Драмскиот театар – Скопје го оствари најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија. Од 1983 година беше генерален директор на Македонскиот народен театар во Скопје

Добитник е на многубројни награди, меѓу кои Стериината награда за животно дело на Фестивалот “Стериино позорје“, Нови Сад (1989); Наградата на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело (1989); три ордени за труд со бронзен, сребрен и златен венец, Одликувањето на француската влада Palmes Academiques и многу други.

Стефановски беше автор на „Театарот во Македонија“; „Летопис на македонската драма и театар“, „Монографија“ – 30 години Драмски театар 1946-1976, заедно со Душко и Милош Константинов; „Од Хераклеја до Народен театар Битола“, „Турски театар“ монографија 1950-2010; „Македонска енциклопедија“ (дел за театар); „Мојот театар“ – театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања и многу други.

На почеток