Нема прочка: Не само „КАМ“ туку и други макерти, месари,трговци се мета на УЈП – каде се влегува даночната инспекција?!
Десетици супермаркети, продавачи и обработувачи на месо и месни призводи, помали и поголеми трговци на овошје и зеленчук изминативе две недели биле цел на проверки од инспекторите на Управата за јавни приходи, дознава „Скопје1“. Вработени, сведочат дека нивни колеги кои имаат задача да прават надзор над работата на фирмите, постојано се на терен. Целта, како што кажувале, било да се спречат злоупотреби на грбот на граѓаните, односно криење на продукти, кои подоцна се продавале по високи цени, кои не се во согласност со одлуките на Влада.
Сите инспекциски надзори биле направени по пријави на граѓани. Дел се жалеле дека продукти биле криени по магацини па по порастот на цените, прикажувани како ново набавени и продавани по високи цени, а останатите, дека иако не требало да платат ДДВ, тоа било правено. „Скопје1“ дознава дека и месара, која има свои продажни места низ цела држава, пред да бидат замрзнати цените на производите, ги покачила истите, а иако ДДВ-то се симнато на 0 проценти, граѓаните се жалеле дека купувале поскапо од претходно.
„Проверки и контроли се прават без резерва, задачата е граѓаните да не трпат штета“
Извор од УЈП за „Скопје1“ сведочи дека раководителите на секторите за инспекциски надзори добиле наредба интензивно да прават контроли врз сите фирми. Целта, според истите, не е само да се казнуваат, туку да не трпат големи штети, но да сфатат дека не смеат граѓаните да имаат штета поради нивно лично богатење. Оттука, сите контролори сакаат да им укажат на фирмите дека законот мора да се почитува.
„Пред ‘КАМ’ влегуваа во фирми во Сарај“
И голем дистрибутер на тестенини, но и други производи беше цел на проверки, сведочи вработен во УЈП. Неофицијално, станува збор за „Даути комерц“.
„Многу пред да се почне со други контроли, по пријава беше контролирана и оваа фирма. Инспектори влегоа, па проверуваа се што сметаа дека е спорно. Одземаа документи, проверуваа“, вели нашиот извор.
Засега, нема официјални информации што е констатирано, ниту потврда за овој надзор.
„Бројни пријави од граѓани пресудиле за контрола на ‘КАМ’“
Не една, ниту две, туку бројни пријави добила УЈП, пред да се одлучи да направи контрола над маркетите на „КАМ“. Поплаките биле дека се криел зејтин кој го имале на залиха, а потрошувачите ги лажеле дека го немаат. Потоа, слична пријава добиле и за брашното. Поради ова, се проверуваат залихите кои треба да се споредат со сметководствената евиденција. Ова треба да покаже дали „КАМ“ имаше вишок или помалку производи во магацините, од тоа што го набавиле. Истовремено, може да се види и во кој период, колку залихи имале.
Контролите ќе продолжат се додека граѓаните поднесуваат поплаки
Не само „КАМ“ каде се прави редовна контрола, туку и сите други големи маркети ќе бидат цел на проверка. Инспектори ќе влегуваат во секоја подружница, каде има сомневање дека не се испочитувани законите. Тоа било пракса и до сега, а веќе од утре, според новиот распоред, ќе продолжи истиот начин на функционирање.