Македонија

Дискотеката „Пулс“ не била пломбирана во декември, ама е со блокирана сметка од август минатата година

Дискотеката „Пулс“ која функционирала под фирмата „ММММ кафе ДООЕЛ“ не била пломбирана во декември минатата година, посочуваат од УЈП по низата информации кои се појавија во јавноста. Тие посочуваат дека е изречена само казна во 2023 година за сторен прекршок во однос на регистрирање на готовинските плаќања.

„’Пломбирање’ кое се пласира и за кое се шпекулира во јавноста е извршено кај друг угостителски објект (со друг назив) кој бил предмет на контрола и за кој изречена привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена во периодот јули 2023 година, по претходно извршени контроли од УЈП согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања“, велат од УЈП

Тие додаваат: „Во рамките на законските надлежности на УЈП, кај должникот обврзник ММММ Кафе ДООЕЛ во неколку наврати во период од крајот на 2022 година се реализирани постапки на извршување на неплатен долг со блокада на сметка и долгот е наплатен, по што сметката по автоматизам се деблокира од банката. Но, од август 2024 година постапките за извршување на долгови, се сѐ уште активни заради наплата од средства на должникот во банките по повеќе основи (даночни долгови и плати)“.

Посочија и детали за блокираната сметка.

„Би укажале дека блокирање на сметка, како мерка, согласно законот за даночна постапка, е предвидена во постапка на извршување односно наплата на долг во постапка на присилна наплата која ја спроведува УЈП. Во постапка на присилна наплата на долг согласно Законот за даночна постапка не е предвидена мерка затворање на објект. Блокирањето на сметка како мерка, и привремена забрана за вршење на дејност како мерка, се изрекуваат за различни основи, согласно различни закони и во различни постапки кои ги спроведува УЈП“, додаваат оттаму.

На почеток