Свет

Москва подготвува казна: Поведена е кривична постапка

Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка по отстранувањето на споменикот на маршалот Георги Жуков во Харков, Украина.

И тоа поради навреда на споменот на бранителите на татковината

Истражниот комитет истакна дека овие „криминални дејствија“ биле насочени против интересите на Русија на полето на зачувување на историската меморија за активностите на ССР за време на Втората светска војна и одлучувачката улога во победата над фашизмот, пишува „Известија“.

Истражниот комитет презема мерки за утврдување на сите околности на тој настан и на лицата кои го сториле тоа кривично дело, се наведува во соопштението.

Претходно, украинските медиуми објавија дека споменикот на Жуков бил отстранет во Харков, а тоа го направила специјалната единица „Кракен“, која е дел од националистичкиот баталјон „Азов“.

Еден од водачите на „Азов“ во Харков, Константин Немичев, на Телеграм напиша дека споменикот на Жуков е демонтиран и „однесен на депонија“, пренесува Укринформ.

Немичев објави и видео од отстранувањето на споменикот на советскиот маршал. Георги Жуков беше еден од најуспешните команданти во Втората светска војна, а под негова команда советските војници постигнаа некои од најголемите победи – во битката за Москва, одбраната и пробивањето на нацистичката блокада на Ленинград, битката за Сталинград и Берлин.

Жуков четири пати бил прогласуван за херој на Советскиот Сојуз, а како командант на Првиот белоруски фронт влегол во Берлин во 1945 година и формално ја прифатил капитулацијата на Германија.

На почеток