Со или без Реџепи: И со тројца три гласа во Собрание, Алтернатива шефува во 46 институции

Со само три пратеници во Собранието, Алтернатива како дел од парламентарното мнозинство на СДСМ раководи со три министерства, три заменички места во министерства и 40 други институции. Сепак, без гласовите на Сафије Садики-Шаини,
Хусни Исмаили и Африм Гаши – СДСМ и ДУИ ќе останат без мнозинство што би значело паѓање на Владата. Поради тоа што Алтернатива е неопходна, па дури и без Скендер Реџепи кој го напушти мнозинството, се очекува да нема промена во делот да институции каде партијата раководи со свои кадри.
Каде „пукна“ работата?
Излегувањето на Скендер Реџепи од парламентарното мнозинство не беше неочекувано. Сепак, несогласувањата и препукувањата со неговиот партиски лидер Африм Гаши датираат поодамна, уште пред партискиот конгрес или четири месеци откако Алтернатива влезе во Владата. Иако во тој период не признаа јавно дека Гаши и Реџепи не разговараат, сега, оваа теорија излегува како се повеќе точна.
Неофицијално, во јавноста е познато дека причината што Реџепи излегува од парламентарното мнозинство и делува како независен пратеник е тоа што е незадоволен од работата на раководството на партијата и Гаши. Реџепи не беше присутен ниту на конгресот каде се избираа партиските структури. Гаши пак тогаш оцени дека очекувањата на Реџепи дека проблемите ќе се решат за 100 дена се нереални.
Еден месец подоцна, доаѓа и чекорот на Реџепи да го напушти мнозинството.
Со или без Реџепи, Алтернатива шефува со 46 кадри
Договорот за влегување на Алтернатива во власта, кој го постигнаа експремиерот Зоран Заев и лидерот на партијата Африм Гаши, предвидува Алтернатува да добие три министерски места, три функции заменик-министер, како и потпретседател на Собранието и уште 40 функции.
Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество и администрација, како и министер без ресор задолжен за дијаспората се трите главни ресори кои ги раководат кадри на Алтернатива. Од тројцата заменици министри, двајца се во Министерството за образование и наука и Министерството за култура.
Алтернатива презема одговорност во менаџирањето на управувачките раководните органи во повеќе институции на централно и на подрачно ниво. Меѓу нив од поважните се МЕПСО, ФЗОМ, Железници и Транспорт, Клинички центар – Тетово, Агенција за странски инвестиции и други.
