Актуелно

„Зошто сме секогаш само ние изгубени во преводот? Се руши имиџот на државата!“, критикa за преведувачот на Ковачевски во Брисел

Како човек кој 30 години се занимава со конференциско толкување, се осмелувам овде да кажам дека со последните два високи меѓународни настани, Отворен Балкан, Преспа Форумот, па и последнава прес конференција на премиерот на Самитот во Брисел покажаа дека во овој дел на организацијата/протоколот утнавме тотално. Бројните критики што дојдоа од новинарите и јавноста беа целосно оправдани, се вели во објавата на „Академија за протокол“.

„Со исклучок на два-тројца професионалци вработени во институциите и во чиешто толкување веднаш се виде искуство и знаење, на двата настана беа ангажирани и надворешни лица очигледно, ангажирани по, изгледа, други критериуми. Се изнаслушавме недовршени реченици, неразбрани или буквални пораки, лош македонски јазик, никаква интонација! Не знам дали нашите институции знаат дека Македонија има ВРВНИ конференциски толкувачи што се барани и работат на меѓународни пазари, од кои 15 се акредитирани од ЕУ, најстрогата акредитација во професијата? Дали се нашите институции свесни дека вака се руши имиџот на државата, дека се остава лош впечаток кај гостите дека немаме толкувачи, а да не зборувам колку им се отежнува работата на медиумите и јавноста кои не можат да ја разберат пораката од ниедна прес конференција.

Конференциското толкување е една од најстресните и најсложените професии. За да се биде добар толкувач, не е доволно познавање на јазиците, туку и вештина пораката да се чуе, да се анализира и разбере и да се пренесе на целниот јазик на разбирлив и пријатен начин. Понатаму, покрај професионалните стандарди, професионалните конференциските толкувачи, се придржуваат и до етичките – меѓу другото, без селфија со учесниците, без саморекламирање со безброј слики од настанот на социјалните мрежи, почитување на дискрецијата и доверливоста на слушнатото, некоментирање и изразување лични ставови, почитување на кодексите на облекување…

Ја следев прес конференцијата на премиерот Ковачевски во Брисел, кој по својата изјава на македонски беше замолен истата да ја прочита на англиски. Дали имаше толкувач од Македонија и ако не, зошто не? (А ако да, зошто не одеше тој превод во етер?) Со оглед дека премиерот дошол подготвен со говор на англиски, препоставувам дека бил подготвен однапред дека ќе чита и на англиски и чија одлука било тоа?
Зошто сме секогаш само ние изгубени во преводот“, стои во објавата.

На почеток