Свет

Литванија ги договори основните насоки за транзит на руска стока за Калининград

Раководството на Литванија денеска во консултации со Европската комисија ги договори основните принципи и насоки за транзит на руска стока за енклавата Калининград.

Кјастутис Будрис, советникот за национална безбедност на претседателот на Литванија, по средбата во Претседателската палата изјави дека консултациите се одржани во светло на ажурирање на препораките на ЕК за примена на санкциите, пренесува Интерфакс.

Будрис не зборуваше за конкретни принципи.

На 18 јуни Литванија објави дека ќе го забрани транзитот на стоки под санкциите на ЕУ преку нејзина територија до руската енклава Калининград.

Ова доведе до затегнати односи меѓу Вилнус и Москва, а Русија најави одговор на потегот на Литванија.

Интерфакс наведува дека поради таа забрана, според податоците на регионалните власти од 23 јуни, за околу 30 отсто е намален превозот на стока со железница и пат до Калининградската област од другите региони на Руската Федерација и обратно.

Калининград, лоциран помеѓу членките на ЕУ и НАТО – Полска и Литванија, се снабдува од Русија, со железница преку Литванија.

Во таа енклава се наоѓа седиштето на руската балтичка флота.

Калининград беше заземен од Црвената армија од нацистичка Германија во април 1945 година, а по Втората светска војна беше отстапен на Советскиот Сојуз.

На почеток