Технички проблеми доведоа до прекин на авионскиот сообраќај во Германија
Германската контрола на летање денеска ги поправи техничките проблеми кои доведоа до прекин на сообраќајот во европскиот воздушен простор.
Ова го соопшти компанијата за контрола на летање ДФС.
„Од 9:00 часот ќе продолжиме да работиме со 100 отсто од воздушниот сообраќај“, изјави портпаролката на ДФС чии контролори го следат полетувањето и слетувањето на авионите на 15 меѓународни аеродроми во Германија.
Проблемите се пријавени утринава во центарот за контрола на летање во Ланген, тие се од софтверски карактер.
Сè уште не може да се каже колку летови биле погодени од овие проблеми, додаде таа, пренесува Ројтерс.
Луфтханза соопшти дека очекува одложување и откажување на летовите во Германија и Европа, особено во Франкфурт.