Со ѕвезди, ѕвончиња најмладите охриѓанчиња ја ширеа радосната вест за Христос. Годнава по шести пат се одржа Бадниковата поворка. Околу 500 дечиња од Охрид, Дебрца и Велгошти денеска ја пееја песната „Вечниот бог” од црквата Св.Ѓорѓиј, движејќи се низ централното градско подрачје пристигнаа на Градскиот плоштад каде беа пречекани и дарувани со пакетчиња од в.д. градоначалникот Константин Георгиески. Потоа продолжија кон црквата „Света Богородица” во Каменско, каде со ручек ќе ја завршат поворката.
-Традицијата и обичаите се дел од културата на секој народ, па така и на македонскиот. Денеска го прзануваме Бадник, ден пред Христовото раѓање. Овие дечиња кои со насмевка и со полни срца радост ни го најавија Христовото раѓање се синоним на традицијата и обичаите, изјави Георгиески.
Од Организацискиот одбор велат дека вложиле многу љубов во овој настан, кој од година во година е се помасовен.
-После шест години години вложувајќи многу љубов во овој настан, годинава успеавме да го достигнеме рекодниот број од над 500 деца учесници. Се надеваме дека бројката ќе се зголемува од година во година. Што повеќе деца, толку поголема е радоста, истакна Летка Филиповска.