Свет

Од Украина испловиле четири брода

Четири бродови со украински производи испловија од украинските пристаништа на Црното Море како дел од договорот за деблокирање на поморскиот извоз на земјата, соопштија украинските и турските власти. Четири рефус носачи носат повеќе од 160.000 тони пченка и друга храна.

Продолжувањето на извозот на жито го надгледува Заедничкиот координативен центар (ЗКЦ) во Истанбул, со персонал од Русија, Украина, Турција и ОН.

Обединетите нации и Турција посредуваа во договорот минатиот месец, откако ОН предупредија на глад во делови од светот поради суспензијата на испораките на жито од Украина, што предизвика намалување на залихите и зголемување на цените.

Пред инвазијата, Русија и Украина заедно сочинуваа речиси една третина од светскиот извоз на пченица.

ЗКЦ доцна во саботата објави дека одобрил вкупно пет нови бродови да пловат низ Црноморскиот коридор: четири брода што заминуваат од Чорноморск и Одеса со 161.084 метрички тони храна и еден пристигнува.

Бродовите што ги напуштија украинските пристаништа вклучуваат Глори, со товар од 66.000 тони пченка за Истанбул, и Рива Винд, натоварен со 44.000 тони пченка, за турскиот Искендерун, соопшти турското Министерство за одбрана.

Се наведува дека другите два брода што ја напуштиле Украина биле „Стар Хелена“, со 45.000 тони брашно за Кина и „Мустафа Неќати“, со 6.000 тони сончогледово масло за Италија.

Првите четири брода ја напуштија Украина минатата недела според договорот.

На почеток