Свет

Кина: Америка мора да сноси целосна одговорност за направеното

Кинеското Министерство за одбрана денеска ја објасни одлуката на Пекинг да ги прекине воените преговори со САД.

Тие ја донесоа оваа одлука како знак на протест поради минатонеделната посета на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси на Тајван, предупредувајќи дека Вашингтон мора да сноси „сериозни последици“.

Минатонеделната посета на Пелоси ја налути Кина, која овој остров го смета за своја територија и за првпат одговори со пробно лансирање балистички ракети во близина на Тајван, како и со прекинување на некои линии на комуникација со Вашингтон, пренесува Ројтерс.

„Сегашната тензична ситуација во тајванскиот теснец е целосно предизвикана и создадена од американската страна самоиницијативно и затоа американската страна мора да сноси целосна одговорност и сериозни последици за направеното. Суштината не може да се негира, а комуникацијата бара искреност“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, Ву Чиан во објава на интернет.

Четиридневните, невидени воени маневри во Кина требаше да завршат вчера, но кинеските власти официјално не потврдија дека воените вежби завршиле поради стравувањата дека ситуацијата во Тајванскиот теснец, особено во близина на неофицијалната централна линија, и понатаму е тензична.

По десет воени бродови од Кина и Тајван маневрираа вчера во близина на централната линија, според лице запознаено со ситуацијата, кое е вклучено во безбедносното планирање.

Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека кинески воени бродови, авиони и беспилотни летала симулирале напади на островот и тајванската морнарица, што го натера Тајван да испрати свои борбени авиони и бродови за да одговорат „соодветно“.

На почеток