Американски секретар за одбрана: „Не сакаме војна со Русија“
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека Северноатлантската алијанса не бара конфронтација со Русија. Остин ова го изјави на прес-конференција во Рига по средбата со летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс.
„Да бидеме јасни: ние не бараме конфронтација со Русија и не претставуваме закана за неа“, рече тој.
Во исто време, шефот на Пентагон рече дека ставот на Вашингтон е дека нападот врз еден од сојузниците во НАТО „значи напад врз сите“. Претходно, рускиот амбасадор во САД Анатолиј Антонов, коментирајќи ја изјавата на американското Министерство за одбрана за доделување уште една милијарда долари воена помош за Киев, рече дека на овој начин американските власти „долеваат масло на огнот на украинската криза“.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека неговата земја ќе го зголеми бројот на воени вежби во Летонија.
На заедничката конференција со неговиот латвиски колега Артис Пабрикс, тој рече дека американските бригади кои моментално се наоѓаат во Романија и во другите делови на Европа веројатно ќе учествуваат во постојаните ротации на војниците стационирани на Балтикот, но дека можат да испратат и војници од САД.
Остин е првиот американски министер за одбрана кој ја посетил Летонија во последните три децении.
Летонскиот министер Пабрикс рече дека на неговата земја и е потребна дополнителна финансиска помош од САД, со цел да купи нова воена опрема и да го зајакне воздушниот простор и крајбрежната одбрана.