По закрепнувањето од Ковид-19, Бајден оди на одмор
По закрепнувањето од Ковид-19, американскиот претседател Џозеф Бајден денеска оди на островот Киава во Јужна Каролина.
Тој ќе го помине поголемиот дел од следната недела таму во одморалиште за голф на океанот што го посетил во минатото.
Бајден има поминато многу викенди во своите домови во Делавер, Вилмингтон и Рехобот Бич, но не бил на островот Киава откако ја презеде функцијата во јануари 2021 година, објави Ројтерс.
Тој беше редовен посетител на островот јужно од Чарлстон кога беше потпретседател.
Официјален претставник на Белата куќа потврди дека Бајден ќе отпатува на островот Киава, но не прецизираше колку долго ќе биде таму и каде ќе остане.
Одморалиштето има луксузни хотели и разни куќи кои можат да се изнајмат.
Американските претседатели претходно одржуваа прес-конференции пред да заминат на традиционалните августовски одмори, но Бајден немаше такво нешто во својот распоред.