Твитер блокираше профил на руско министерство, Захарова со остра реакција


Твитер привремено го суспендираше профилот на руското Министерство за надворешни работи, открија властите во Москва.
Според портпаролката на Министерството, Марија Захарова, казнената мерка е изречена откако дипломатите го навеле рускиот воен командант, кој тврдел дека САД би можеле да стојат зад пандемијата на Ковид-19.
Захарова на својот канал Телеграм објави дека Твитер „седум дена го блокирал официјалниот профил на Министерството за надворешни работи на англиски јазик“.
Таа објасни дека острата реакција ја предизвикало министерството, кое објавило твит со извадоци од говорот што претходно го одржал шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита, генерал-полковник Игор Кирилов.
Во твитот се тврди дека Американската агенција за меѓународен развој би можела да стои зад пандемијата Ковид-19. Захарова тврди дека е многу сомнително оти Твитер има средства правилно да ги потврди тврдењата и дека е во позиција да ги „испраша заклучоците на Министерството за одбрана врз основа на документи и свежи податоци“. Таа ја отфрли суспензијата како „уште еден несмасен обид за замолчување“.
