Свет

Кинеската амбасада ја осуди неодговорната реторика на Британија

Кинеската амбасада во Лондон денеска ја осуди, како што наведе, британската неодговорна реторика.

И тоа откако министерката за надворешни работи Лиз Трус го поканила на разговор кинескиот амбасадор во Велика Британија Џенг Зегуанг поради постапките на Пекинг кон Тајван.

Како што се наведува во соопштението на кинеската амбасада на Твитер, Женг решително ја отфрли и остро ја осуди неодговорната реторика на британската страна за легитимниот и неопходен одговор на Кина на посетата на претседателот на Претставничкиот дом на САД на Тајван, на средба со висок функционер на британското Министерство за надворешни работи, објави Ројтерс.

„Тајван е нераскинлив дел од кинеската територија. Ниту една странска земја, вклучително и Велика Британија, нема право да се меша во внатрешната политика на Кина“, се вели во соопштението на кинеската амбасада.

Претходно денеска британската министерка за надворешни работи Лиз Трус го покани кинескиот амбасадор во таа земја Џенг Зегуанг да ги објасни активностите на Кина кон Тајван.

„Им наложив на официјалните лица да го поканат кинескиот амбасадор да ги објасни постапките на неговата земја. Видовме сè поагресивно однесување и реторика од Пекинг во последните месеци, кои ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот“, рече Трас во изјавата.

Кинеската армија претходно денеска соопшти дека по речиси една недела успешно завршила различни воени задачи околу Тајван, но дека продолжува внимателно да ја следи ситуацијата во Тајванскиот теснец.

Кина почна со масовни воени вежби по посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на која жестоко се спротивстави Пекинг.

На почеток