Актуелно

Кина ќе ја прекине соработката во транспортот со Литванија

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека и вовело санкции на литванската заменик министерка за транспорт и врски, Агне Ваичукевичиут.

Во соопштението се прецизира дека Кина ќе го прекине и контактот со владиниот оддел што го води, како и соработката во транспортот со Литванија.

Министерството за транспорт и врски на Литванија соопшти дека жали за најавата на Кина, според британската агенција.

„Пекинг одлучи да продолжи и да ги интензивира своите незаконски дејствија против членка на ЕУ“, се вели во изјавата на литванското министерство за Ројтерс. Се наведува дека потегот на Кина „не само што не придонесува за развојот на односите на оваа земја со демократскиот свет, но е спротивно на претходната политика на Пекинг да не го попречува развојот на заемно корисни односи со Тајван, една од најпрогресивните економии во светот“.

Министерството за надворешни работи на Тајван денеска ги осуди санкциите, велејќи дека тие претставуваат „нерационална одмазда“ од страна на Кина. Неодамнешното зајакнување на односите на Литванија со Тајван предизвика остри критики од официјален Пекинг и доведе до пад на литванскиот извоз во Кина во првиот квартал од оваа година до речиси нула, јавува Ројтерс. Делегација предводена од заменик министерот за транспорт и врски на Литванија оваа недела го посети Тајван.

Кина остро ја осуди посетата на литванските власти на островот што го смета за нејзин регион, а вчера најави „контрамерки на оваа провокација“.

На почеток