Свет

Захарова: Испадот на црногорските власти го сметаме за уште една епизода од хибридната кампања на Западот

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја коментираше одлуката на Црна Гора да протера руски дипломат.

Таа рече дека Москва во таа одлука ја гледа неподготвеноста и неспособноста на официјална Подгорица да се оддалечи од политиката на слепо следење на деструктивната линија на Западот.

Како што рече, тоа слепо следење на западната политика е на штета на меѓународната безбедност и соработка, како и на сопствените национални интереси.

„Овој испад на црногорските власти го сметаме за уште една епизода од хибридната кампања што Западот и неговите сателити ја започнаа против Русија. Во ова ја гледаме неподготвеноста и неспособноста на официјална Подгорица да се оддалечи од политиката на слепо следење на таквата деструктивна линија – на штета на меѓународната безбедност и соработка, но и на сопствените национални интереси“, рече Захарова во соопштението објавено од руското одделение за надворешна политика.

Таа изјави и дека протерувањето на рускиот дипломат од Црна Гора е неосновано и без логика и дека Москва зад себе го остава правото на реплика. Таа додаде дека обидот да се оправда овој чекор во јавен коментар откри дека нема логика во таа одлука и нема причина да се направи такво нешто.

Да потсетиме, вчера во Подгорица беше објавено дека руски дипломат е прогласен за персона нон грата. Набргу потоа, Министерството за надворешни работи на Русија најави дека ќе следат соодветни мерки.

На почеток