Свет

Тргна конвој автомобили кон нуклеарната централа Запорожје, во него има и Македонец

Конвој автомобили од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со тим експерти од повеќе земји, тргна од Киев кон нуклеарната централа Запорожје.

Веста ја објави Ројтерс повикувајќи се на сведок од местото на настанот.

Не е познато кога мисијата на МААЕ, предводена од генералниот директор Рафаел Гроси, треба да стигне до најголемата нуклеарна централа во Европа, која сега е под контрола на руските сили.

Мисијата на МААЕ ја напушти Виена во понеделникот и пристигна во Киев во вторник, пренесува Тасс. Таму делегацијата се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Извори на Тасс во ОН во понеделникот појаснија дека тие ќе влезат во нуклеарната централа Запорожје преку Киев и територијата контролирана од Украина.

Извор од ОН, запознаен со деталите за мисијата, изјави дека во неа учествуваат претставници на десет земји: Албанија, Кина, Франција, Италија, Јордан, Литванија, Мексико, Полска, Србија и Македонија.

Изворот објасни дека претставниците на Русија и Украина не се вклучени во мисијата, со цел да се обезбеди нејзината неутралност и непристрасност.

Тој, исто така, истакна дека инспекторите ќе ја проучуваат нуклеарната безбедност во електраната, но не и политичките и воените прашања, според Тас.

Мисијата на МААЕ е придружувана од тим од претставници на ОН, кои обезбедуваат помош само од аспект на логистика, патување до нуклеарната централа Запорожје и безбедност.

На почеток