Свет

Невремето создаде хаос: Стотици илјади жители останаа без струја

Стотици илјади жители во американската сојузна држава Мичиген во вторникот останаа без струја по невремето кое корнеше дрвја и собори столбови.

Од струен удар починало 14-годишно девојче.

Според соопштението на полицијата, во градот Монро, на околу 60 километри јужно од Детроит, 14-годишно девојче настрадало од струен удар кога дрво паднало пред нејзината куќа и откорнало далновод, објави Ројтерс.

Компаниите за дистрибуција на електрична енергија објавија дека над 373.000 луѓе се без струја.

Десетици училишта во југоисточен Мичиген денеска ја откажаа наставата, се вели во соопштението на властите.

Серија бури кои донесоа обилни дождови погодија делови од Илиноис, Индијана, Арканзас, Тексас и Охајо.

Во Мичиген налетите на ветрот достигнаа брзина од 113 километри на час, а над 3.300 столбови за струја беа срушени.

Електродистрибуција собира екипи од цела држава за да изврши поправка.

Се очекува во следните два дена 80 отсто од погодените граѓани повторно да добијат струја.

На почеток