Соломонските Острови воведуваат мораториум за влез на американски бродови во нивните пристаништа
Властите на Соломонските Острови им соопштија на Соединетите Американски Држави дека воведуваат мораториум за влез на бродови во нивните пристаништа.
Според Ројтерс, Соломонските Острови имаат затегнати односи со САД и нивните сојузници по потпишувањето на безбедносен пакт со Кина во мај.
„На 29 август, САД добија официјално известување од владата на Соломонските Острови во врска со мораториум на сите поморски посети додека се ажурираат постоечките протоколи“, се вели во соопштението на американската амбасада во Канбера.
Портпаролот на премиерот на Соломонските Острови претходно во изјава за Ројтерс ги негираше извештаите за мораториум и најави дека премиерот Манасех Согаваре ќе има обраќање во текот на денот.
Тој рече и дека Согаваре ќе ја искористи оваа прилика да го поздрави пристигнувањето на болничкиот брод на американската морнарица „Мерси“, кој во понеделникот пристигна во Хонијара во двонеделна мисија.
Амбасадата на САД соопшти дека Мерси добила одобрение од властите да пристигне пред да биде воведен мораториумот, според Ројтерс.
Минатата недела, брод на американската крајбрежна стража беше спречен да влезе во пристаниште на Соломонските Острови за рутински бизнис, откако островските власти не одговорија на барањето за полнење гориво и снабдување, изјави американски официјален претставник за британската агенција.