Актуелно

Русија: Не се обидуваме да ги злоупотребиме пријателските односи со Србија

Русија не се обидува да ги злоупотребува пријателските односи со Србија, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Таа порака од Москва доаѓа по неодамнешните критики на српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ против рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Да потсетиме, Михајловиќ неодамна, по разговорот меѓу српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин и Лавров во Москва изјави:

„Со своите изјави Лавров го злоупотребува тоа што Србија не воведе санкции кон Русија, обидувајќи се да покаже дека нашата земја го поддржува рускиот напад врз Украина, иако Србија јасно се определи против тој конфликт гласајќи за резолуцијата на ОН за осуда на војната”.

Лавров тогаш, на средбата со Вулин, рече дека Белград и Москва се доследно посветени на принципите на неделивост и на еднаквата природа на безбедноста за сите земји – и на „Балканот, така и на ситуацијата во Украина испровоцирана од Западот“.

Во денешното соопштение на руското Министерство за надворешни работи се истакнува:

„Оценките и изјавите на руските функционери никому не даваат причина да не обвини за инсинуации, обиди за „злоупотреба“ на традиционално пријателските односи со Србија, кои постојано се градат на еднаквост, почит и меѓусебно разбирање.

Во однос на изјавата на вицепремиерот на Србија, од Министерството велат дека „очигледно е дека Михајловиќ е слабо ориентиранa во реалноста кога се во прашање односите меѓу двете земји“.

Русија и Србија целосно се разбираат кога се во прашање актуелните меѓународни прашања. Во контактите со партнерите, отворено ги изнесуваме нашите ставови за ситуацијата во Украина во контекст на специјална воена операција. Го почитуваме стремежот на Белград да води урамнотежена и што е најважно независна политика во овие сложени услови“, рекоа во Москва.

Ваквиот балансиран став се огледа и во воздржаниот однос на српското раководство кон санкциите на Западот и принципиелниот недостаток на волја за учество во таквата политика на штета на сопствените интереси.

„Се разбира, ова е суверен избор што Западот не може да го прифати и, за разлика од нас, тие се обидуваат да извршат притисок врз Србите“, се заклучува во соопштението, а пренесува „Спутник“.

На почеток