Македонија

Спасовски на 73. Сесија на УНХЦР од Женева: Државата и МВР даваат силна поддршка на Глобалниот пакт за бегалци и миграција

Денеска, (11.10.2022) министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, учествуваше со свое обраќање на општата дебата на 73. Сесија на Извршниот Комитет на Програмата на Високиот комесар за бегалци на Обединетите нации во Женева, Швајцарска Конфедерација.

„Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи со кое имам чест да раководам, отсекогаш имале проактивен и отворен пристап, отсекогаш биле и ќе останат активен и кредибилен партнер на Обединетите нации, а особено на УНХЦР”, истакна министерот Спасовски во своето обраќање при што додаде дека во однос на Глобалниот пакт за бегалците и Глобалниот пакт за миграцијата, државата даде и дава силна поддршка и изнесени се неколку заложби кои се во најголем дел исполнети.

„Подолго време наназад работиме на усогласување на нашето законодавство со европското, усвоени се повеќе документи од областа на азилот односно миграциите, директиви на ЕУ и истите се во висок степен вградени во нашата позитивна легислатива”, рече министерот Спасовски, при што истакна дека меѓу главни приоритети на МВР на овој план е продлабочување и одржување на меѓународната соработка со земјите од регионот, со земјите на транзит и со земјите на потекло, со агенциите на ЕУ и, други релевантни меѓународни организации, како и преку активно учество во бројни меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси.

Министерот Спасовски додаде дека во тек се и повеќе проекти со цел натамошно синхронизирање со ЕУ стандардите, не само во делот на управувањето со миграциите туку и во граничното управување во целина. „Изминатава година успешно беше финализиран и твининг проектот „Усогласување на националните системи за гранично управување со барањата на ЕУ и Шенген“ во чии рамки е изготвена Националната стратегија за интегрирано гранично управување на Република Северна Македонија, согласно Европскиот концепт за Интегрирано гранично управување”, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски се осврна и на значителниот исчекор кон зголемено управување со границите и управување со нерегуларната миграција, што е, како што рече тој, од заеднички интерес на Северна Македонија, на Европската Унија и на УНХЦР.

„Имено, особено ми е драго да го информирам овој ценет аудиториум дека преговорите за Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража се завршени и дека во најскоро време истиот се очекува да биде потпишан како прв договор на ниво ЕУ – Северна Македонија, како земја со исто така од неодамна, веќе се отпочнати преговори за членство во ЕУ”, појасни министерот Спасовски, при што го нагласи и ставот на Европската комисија, дека договорот ќе придонесе во борбата со нерегуларната миграција и воопшто, ќе придонесе за засилена безбедност на надворешните граници на ЕУ односно во регионот.

Министерот Спасовски во своето обраќање, меѓу другото се осврна и на позитивниот аспект на меѓународно позиционирање на Северна Македонија со приемот во НАТО во март 2020 година и прогресот од 2017 година во поглед на владеењето на правото, демократијата, човековите права, развојот на моделот на мултиетничките односи, надополнето со посветениот ангажман кон регионалната соработка и добрососедството, како резултат на што Република Северна Македонија од 2023 ќе ја преземе улогата на Претседавач со ОБСЕ.

На крајот од своето обраќање министерот Спасовски порача дека Република Северна Македонија и натаму останува силен поддржувач на ОН, посветен и одговорен партнер во глобалниот дијалог и силен и како таков-општо признаен генератор и столб на мир, стабилност и безбедност во балканскиот и европскиот регион, и пошироко.

На почеток