Путин пристигна во Казахстан, ќе учествува на три самити
Рускиот претседател Владимир Путин во текот на ноќта пристигна во Астана, главниот град на Казахстан, каде што ќе учествува на три самити.
Рускиот претседател треба да учествува на 6. Самит за соработка и градење доверба во Азија, на Советот на шефови на држави на ЗНД и на самитот „Русија-Централна Азија“.
Освен тоа, планирани се и серија билатерални средби, меѓу кои од особено значење е средбата со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, на која би можело да се постави тема за посредување на Анкара за решавање на конфликтот во Украина.
Путин ќе има трилатерална средба и со лидерите на Киргистан и Таџикистан, а клучното прашање ќе биде решавање на проблемот на границата меѓу тие две земји преку дипломатски средства.
Претседателот на Русија ќе има одвоени средби со емирот на Катар, со палестинскиот лидер и со претседателот на Азербејџан.
Кремљ објави дека се очекува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средбата со рускиот лидер официјално да му ги претстави на Владимир Путин најновите иницијативи на Анкара за решавање на ситуацијата во Украина.
„Ќе има важен состанок. Тоа е средба со Ердоган. Ќе ве потсетам за посредничката улога на Турција. Анкара се обидува и доста успешно игра таква улога во контекст на прашањата поврзани со Украина. Сега многумина велат дека Турците се подготвени да презентираат и други иницијативи во контекст на решавање на украинскиот конфликт“, изјави Јуриј Ушаков, помошник на претседателот на Русија.
„Мислам дека може да се очекува Ердоган официјално да ги претстави оние предлози за кои се почесто се пишува во медиумите. Таму се споменуваат различни формати: Русија, САД, водечките земји од Западна Европа. Но, засега тоа не е ништо повеќе од медиумска вест. Сè упатува на тоа дека Турците нема да ги пропуштат своите можности и дека ќе предложат нешто“, смета помошникот на рускиот претседател, а пренесува Спутник.