Свет

Украинскиот амбасадор по гласањето во ОН: Ова е неверојатно

Генералното собрание на ОН со големо мнозинство го осуди рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири окупирани региони во Украина.

Исто така, ОН ги повикаа сите земји да не го признаваат потегот, а со тоа ја зајакнаа дипломатската меѓународна изолација на Москва.

Да потсетиме, три четвртини од 193-те членки на Генералното собрание на ОН, односно 143 земји, гласаа за резолуцијата со која се потврдува и суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

„Тоа е неверојатно“, им рече на новинарите амбасадорот на Украина во ОН, Серхиј Кислицја по гласањето, стоејќи до американската амбасадорка Линда Томас Гринфилд, која рече дека резултатот покажал дека Русија не може да го заплаши светот.

Само четири земји ѝ се придружија на Русија во гласањето против резолуцијата – Сирија, Никарагва, Северна Кореја и Белорусија. Триесет и пет земји беа воздржани, вклучувајќи го и рускиот стратешки партнер Кина, додека останатите не гласаа.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја пред гласањето изјави дека резолуцијата е „политизирана и отворено провокативна“, додавајќи дека „може да ги уништи сите напори во полза на дипломатско решение на кризата“.

Кина се воздржа во средата бидејќи не веруваше дека резолуцијата ќе биде корисна, рече заменик-амбасадорот на Кина во ОН Генг Шуанг.

„Секоја акција преземена од Генералното собрание треба да придонесе за деескалација на ситуацијата, продолжување на дијалогот и промовирање на политичко решение за оваа криза“, рече тој.

САД и другите западни земји лобираа пред гласањето, пренесува Јутарњи лист и наведува дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен свикал виртуелен состанок со дипломати од повеќе од 100 земји во вторникот.

Така, како што се наведува, резолуцијата освоила десетици гласови повеќе, ако се споредат резултатите од гласањето со оние од 2014 година, кога Русија го анектираше Крим, а ОН го отфрлија, односно не го признаа.

Сега Африка се сврте против Русија, која претходно беше со Москва. „Ја осудуваме политиката на двојни стандарди на силите на овој свет кога станува збор за Африка“, изјави во Генералното собрание амбасадорот на Демократска Република Конго во ОН Жорж Нзонгола Нталаја.

„Ја поддржуваме Украина. Сакаме да видиме крај на војната, но би сакале да видиме како меѓународната заедница презема слични мерки против другите ситуации во светот каде што земјите се напаѓани и окупирани“, рече тој.

На почеток