Свет

Русите тврдат дека зазеле повеќе од 100 км2 територија во Курск

Руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили зазеле повеќе од 100 квадратни километри територија во Курск, пренесува Sky News.

Украинските сили го нападнаа рускиот регион Курск минатиот август, делумно за да го оттргнат вниманието на Москва од бојното поле на исток. Оттогаш, Украина успеа да се задржи на таа територија, вклучувајќи го и клучниот град Шужа, но во последниве недели нејзините војници почнаа да губат земја.

Ова го потврдуваат отворени извори кои покажуваат нагло влошување на позицијата на Украина во регионот.

Руските сили дури користеа напуштени гасоводи за да се обидат да ги опколат украинските војници во Курск, како што беше објавено во текот на викендот.

Сепак, Олександр Сирски, украинскиот врховен командант, оваа недела на социјалните мрежи изјави дека ситуацијата во регионот е „под контрола“.

На почеток