Свет

Руски генерал-мајор: Извршивме специјална операција

Руските и сириските сили убија 20 исламски милитанти во операција во јужна Сирија. Меѓу убиените има и тројца терористи одговорни за кревањето во воздух во воениот автобус.

Операцијата беше спроведена во јужната провинција Дера.

„Руската единица во соработка со безбедносните сили на сириската армија изврши специјална операција во градот Јасим, во провинцијата Дера на југот на Сирија, со цел да ги ликвидираат борците на Исламската држава“, изјави рускиот генерал-мајор Олег Јегоров, пренесе Тасс.

Агенцијата Тасс наведува дека терористите учествувале во уништувањето на автобус минатата недела, во кој во близина на Дамаск загинаа 18 сириски војници.

Јегоров истакна дека меѓу загинатите во операцијата е организаторот на нападот на автобусот, како и други терористи поврзани со акциите на Исламската држава во провинциите Дера и Рака, додава Ројтерс.

Нападот на автобусот беше еден од најсмртоносните напади врз сириските војници во изминатите неколку месеци, со исклучок на војниците на линијата на фронтот.

Никој не ја презеде одговорноста за тој напад, а ниту сириските власти не го коментираа.

Руските сили се во Сирија од 2015 година, помагајќи ѝ на сириската држава да ја врати територијата што ја држат опозициските борци.

На почеток