Обвинетите да бидат огласени за виновни, бара обвинителката за убиството на Денис Тот
Два ипол месеци траеше судскиот процес за убиството на Денис Тот, случај за кој денес се даваат и завршни зборови. Обвинителката Тања Трајчевска е убедена дека го докажала кривичното дело убиство, за кое ги гони Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски. Според Трајчевска, со снимките се утврдило времето, местото и начинот на убиството, а сведоците, докажале преку детали што се случило при убиството.
„Во доказната постапка се докажа дека обвинетите го сториле кривичното дело. Несомнено произлезе времето, местото и начинот на сторување на кривичното дело од снимките. Обвинетите биле свесни дека со постапувањето можело да настане штетна последица, но се согласиле со тоа, па сторувањето било со умисла. Оштетениот не презел ништо. “, обвинителката Тања Трајчевска.
Обвинителката објаснуваше детали. Таа побара сведокот Виктор Серафимовски да не се земе како вистинит. Според неа, не може тој да тврди дека не ги видел ударите пред дискотеката каде е убиен Тот, а да сведочи дека слушнал како првообвинетиот извикал „Еј што ме маваш“.
„Во однос на исказот од Виктор Серафимовски кој наведе дека не видел кој и како го удрил оштетениот, му предлагам на судот да не поклони верба на овој исказ, од камерите јасно се гледа дека тој можел јасно да види кој од обвинетите каков удар задал. Исказот му е контрадикторен“, додаде обвинителката.
Таа побара да не се поклони верба и на дел од исказот на Мартин Ѓоргиевски, патник во таксито со кое се превезувал починатиот Денис Тот и обвинетите.
„Да не му поклони верба во делот на исказот каде наведува дека: „Имаше удар кон Анџело“, бидејќи овој исказ е контрадикторен со исказот на Даниел Маневски кој кажа дека стоел до возилото и слушнал се што се зборувало во возилото и ова не го слушнал. Одбраната на обвинетите е дадена за намалување на кривичната одговорност. Анџело не достави доказ дека имал повреда од критичната вечер, ниту има медицинска документација за ваква повреда“, посочи обвинителката.
Обвинителката Тања Трајчевска предложи обвинетите да бидат огласени за виновни, а да ги има во предвид сите отежителни и олеснителни околности.