Блокадите може да се прошират, граѓаните нека и се лутат на Данела, посочија приватните превозници
Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ е дециден дека нема да се запрат блокадите, а постои можност тие да продолжат и на повеќе раскрсници низ Скопје. Смета дека чекорот Скопје да биде блокирано поради неисплатниот долг од скоро 2 милиони евра кон приватните превозници е правилен.
„Неодговорно е однесувањето. Не се работи за приватна бавча на градоначалничката која ќе ја работи како сака. Таа мора да се грижи јавниот интерес и да постапува согласно законот. Се што излага надвор од тоа, ги продуцира ваквите проблеми. Затоа зборувам дека системски се наруши јавниот интерес. Ако е веќе сценарио, тоа е да се исцрпат приватните превозници, да имаат големи долгови, да не можат да ја извршуваат дејноста и така да престанат да ја вршат, за некој потоа да има причина да им го раскине договорот и да ги исфрли од игра“, кажа Јовановски.
Според него, блокадите ќе бидат постојани се додека не се најде законски соодветно решение за целиот проблем.
„Ќе има можеби и одредено проширување. Има околу 200 автобуси во Скопје кои ќе го свртат внимание кон себе за граѓаните да ја знаат вистинската состојба. Не може граѓаните да ги критикуваат приватните превозници, туку треба да го критикуваат изворот на проблемот а тоа е градоначалничката“, додаде тој.